Роденденска честитка за Премин Портал
Со голема љубов во Христа и со особена почит кон мисијата што ја правите меѓу народот во овие десет години, ви го честитаме овој јубилеен роденден, посакувајќи ви уште многу години плоден труд на нивата Божја за слава на Неговото свето име. Премин Портал ја отвори портата за медиумското присуство на нашата Православна Црква како прв црковен сајт, и за тоа секако неоспорна е заслугата на нашиот возљубен Митрополит Струмички Наум. Во ова наше современо либерално општество, кога современиот човек полека го губи својот идентитет во лавиринтот на динамичната бескрупулозна егзистенција, незаменлива станува улогата и значењето на православните портали, како своевиден излез и патоказ кон светлината и радоста на личносното општење со Бога. Нека Он Милостивиот и понатаму раководи со сите ваши дела во полза на нашата Света Црква и за доброто на овој наш христољубив народ. На многаја лета.
Игуменот Партениј со своите браќа од Бигорскиот и сестри од Рајчичкиот манастир