Во Музејот на современа уметност, на 22 јуни (вторник) ќе биде отворена изложба на светски познатиот британски уметник Дејмиен Хрст. Ова ќе биде прво претставување на Хрст во Македонија.
На изложбата на еден од најзначајните современи уметници во светот ќе бидат претставени 44 графики, изработени во техника ситопечат и четири скулптури, кои функционираат како циклус фрески, почнувајќи од Создавањето на светот, па се до „Последниот суд".
Делата ги истражуваат вечните теми: живот, религија, смрт и вера. Ова се главни теми на интерес на уметникот, кој се фокусира се на сложените односи помеѓу медицината и религијата, како и помеѓу уметноста и религијата. Откако изложбата во 2005 беше првпат поставена во галеријата „Пол Столпер" во Лондон, била прикажана и во Осло, Москва, Венеција, Софија и Гдањск.
-Не можам да се оттргнам од впечатокот дека токму науката е новата религија, тоа е толку едноставно, а толку комплицирано, изјавил Хрст за оваа изложба.
Во Скопје, оваа изложба се одржува по повод 20-годишнината од работењето на Британски совет во Македонија и е резултат на соработката со Галеријата „Пол Столпер" и НУ Музеј на современата уметност Скопје.
Отварањето во вторник е со почеток од 20 часот, изложбата во МСУ ќе биде поставена до 11 август.