Со филмот „НАСОКИ“ / “DIRECTIONS“
и македонската кинематографија дел од Канскиот филмски фестивал
___________________________________________________________________________________
НАСОКИ e последниот филм на режисерот Стефан Командарев кој ќе учествува во
конкуренцијата на престижната програма „Извесен поглед” / “Un Certain Regard” на Канскиот филмски
фестивал, кој годинава се оддржува од 17 до 28 Мај и слави 70 години од своето
постоење.
НАСОКИ е копродукција меѓу Арго Филм, Бугарија; Актис Филм, Германија и Сектор Филм од Македонија.
Финансиски филмот е поддржан од Бугарскиот национален филмски центар, Регионалниот филмски фонд
МДМ, Агенцијата за филм на Република Македонија, како и Европскиот филмски фонд Еуримаж.
Филмот НАСОКИ е современа драма чие дејство се одвива во рамките на 24 часа, каде во 6 такси возила
се испреплетуваат судбините на група луѓе - херои од сегашната балканска реалност. Во тоа
деноноќие сме сведоци на некои од реалните проблеми, па дури и апсурди на денешното општество на
овие простори.
Преку очите на таксистите и клиентите низ улиците, полека ја насетуваме шареноликоста на
секојдневието, дури и со своите најтемни нијанси. Поединечните приказни се обединети од една смрт,
која сепак ќе даде шанса за нов живот.
Ова се приказни за очајот и надежта за бегство, за прифаќањето и одмаздата. За љубовта и
рамнодушноста, за посветеноста и осаменоста, поврзани во една радио емисија, која поставува
прашања, но не дава одговори. Приказна за насушната потреба од трансплантација за цело едно
општество, коешто нема друга шанса за живот, освен со ново срце.
Покрај режијата на филмот, Стефан Командарев се потпишува и како сценарист на
ова остварување, заедно со младиот талентиран драматург Симеон Венциславов. Македонскиот дел на
авторската екипа ја сочинуваат костимографот Жаклина Крстевска и шминкерот Мартин
Павловски. Продуценти на филмот од Македонија се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.
Со почит,
Продукција СЕКТОР ФИЛМ
Скопје, 18.04.2017