По повод отворањето на ретроспективната изложба на Евгенија Демниевска во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 5 октомври, во 19.00 часот, Ве покануваме на прес конференција и разговор со уметницата Демниевска, во вторник, 3 октомври 2017 година, во 11.00 часот.
Евгенија Демниевска е македонска уметница која долг низ години живее надвор од границите на нашата земја, но никогаш не го заборавила своето потекло. Иако „номад“ (и во буквална и во индиректна смисла, во творештвото), целиот свој живот, повторно се враќа во Македонија, од каде се полни со духовна храна и каде одвреме навреме ги презентира своите нови визуелни сознанија.
По долга пауза, имаме ретка можност да видиме нејзина поинтегрална изложба во Националната галерија на Македонија, како своевидна мини ретроспектива насловена „Метаморфози на линијата“, со што македонската јавност ќе се потсети или запознае со творечкиот пат на Демниевска, од нејзините почетоци, па се до најновите уметнички сензации кои ја окупираат креативната природа на оваа авторка. Таа е плодна авторка, уметник кој бил актуелен во секој временски период и во секој уметнички круг каде твори (од белградскиот уметнички круг, преку јапонскиот ликовен спектрум, француската актуелна сцена, а за македонската се подразбира – иако тука најмлаку црпела знаење, влијанија, искуства, референци).
Она по што ќе биде секогаш препознаена е тоа што е ретка авторка, од таа генерација ликовни уметници (веќе постара генерација), која рано почнала да се занимава (и сеуште се занимава) со новите техничко-технолошки помагала, со интернетот, факсот, телекомуникациските вмрежувања и можноста за временско-просторна комуникација без оглед на времето и просторот, без граници и без пречки.
Таа дипломира на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што ја завршува и специјалката. Во раните осумдесетти се вклучува во активностите на белградскиот уметнички круг и во новата уметничка практика, каде што дејствува заедно со Раша Теодосиевиќ, Марина Абрамовиќ, Душан Оташевиќ, Радомир Дамјановиќ - Дамјан, Бојан Бем, Зоран Поповиќ, Бора Иљовски и други. Оваа генерација започнува промени на тогашната југословенска сцена, со воведување нови уметнички практики и жанрови, како инсталација, фотографија, перформанс, боди-арт итн.
Повеќе за творечкиот пат на Демниевска ве очекуваме.
Со почит,
Национална галерија на Македонија