Македонскиот писател Стефан Марковски е единствениот македонски претставник на овогодинешното 10-то јубилејно издание на тридневниот поетски фестивал „Денови на пријателите на книгата“ во Риека и Опатија, кој ќе се оддржи од 9 до 12 ноември годинава.
Според фестивалската програма, на првиот фестивалски ден (9.11) во 18:00 во просториите на Македонското културно друштво „Илинден“ е предвидена промоција на двете последнообјавени дела на младиот македонски автор пред хрватската публика - поетската збирка „Сиво сјаат вселените“ и збирката раскази „Смртта долетува насмевната“.
Обете книги на Марковски се неодамна наградени - поетската со наградата „Бели мугри“ за најдобар необјавен поетски ракопис за 2016-та, додека пак, збирката раскази со наградата „Крсте Чачански“ (2017).
Токму за втората на Марковски ќе му биде врачена наградата „Книжевно перо“ за книга на годината вон изданијата на Хрватското книжевно друштво.
Марковски (26) е автор на 10 објавени прозни, поетски и есеистички дела, како и неколку сценарија, и е актуелен уредник на првото македонско списание за литература - „Современост“.
Фестивалот „Денови на пријателите на книгата“ се оддржува од 2007. година во организација на Хрватското книжевно друштво (ХКД) од Риека.
Покрај промоцијата на двете дела, предвиден е и поетски настап на Марковски со поезијата застапена во новиот број на „Книжевно перо“, книжевното списание во издание на ХКД.