Самостојна онлајн изложба на Славица ЈАНЕШЛИЕВА
„ПРЕПЛЕТУВАЊА“
Почеток во 12 часот на 5-ти ноември 2020 (четврток).
Изложбата ќе трае до 3 декември 2020 година и може да се посети на:
http://www.slavicajaneslieva.mk
Славица Јанешлиева е авторка која кон уметноста која ја создава пристапува со искреност. Таа е дел од нејзината интима, од нејзината лична архива, од фамилијарните наративи, од нејзиниот микро космос чија аналогија или контекстуализација не останува само и единствено во рамки на интимното, туку станува и концепт кој се овоплотува во општественото милје, кој допира социјално-политички аспекти, историја, филозофија, метафизика. Нејзина алатка е линијата, нејзин медиум е графиката и оние сродни на неа, иако и мултимедијалноста воопшто не и е далечна, а елементот на женскоста, или феминистичката перспектива е присутна постојано или во постојаното „дружење“ со традиционалните мантрични занаети на шиење, плетење, кроење, везење... или во повеќеслојното феминистичко толкување на наративите кои ги применува. Најновите цртежи, колажи, фото (дигитални) колажи на Јанешлиева се исто така одблесоци или рефлексии на периодот и моментот кој го живее сега... Финалниот резултат е едно одлично осмислено и реализирано уметничко дело кое е повеќеслојно, повеќезначно, повеќемедијално, но пред сѐ искрено, впечатливо и длабоко. (од текстот на Ана Франговска, историчар на уметност: „ПЛЕТЕЊАТА и како концепт и како модус“, кон најновиот проект на Славица Јанешлиева)