Јубилејна изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“
Ве известуваме дека Националната галерија на Македонија ја подготвува јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“. Одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997), еден од најинвентивните македонски скулптори, чие творештво е особено важно за еволуцијата на македонската скулптура, е во сообразност со задачата на Националната галерија да ги чува и презентира најсеопфатно можно достигнувањата на најзначајните македонски уметници земајќи ја предвид улогата што ја имале во создавањето и трасирањето на тековите на македонската модерна и современа уметност. Изложбата ќе биде отворена на ден 23.4.2025 година (среда), во 20 часот, во објектот Даут пашин амам.
Местото што го зазема Стефан Маневски во македонската историја на уметноста се должи на неговиот исклучително индивидуален, автентичен и рафиниран однос кон скулпторскиот израз, кој следи една логична и нагорна развојна линија, особено нагласена во неговата продлабочена визија за трансформација на металот, материјал што за него нуди бескрајни експериментални можности низ кои ги преточува повеќеслојните естетски егзистенцијални доживувања на современиот свет.Започнувајќи ги својот творечки пат и креирањето, односно дефинирањето на својот препознатлив авторски израз на Академијата за ликовни уметности во Белград (која ја завршува во 1960 година, а подоцна и специјализира на истата академија во 1963 година) преку дела во кои е иницирано надраснувањето на академска пластичност. Раскинувањето со класичните поуки се надополнува со пројавени реминисценции кон архаичната пластика на старите народи со нивната тотемска идолатриска поедноставеност на формата, која сепак останува во доменот на асоцијативната фигурација во делата работени во гипс, со архаистична строга фронтална поставеност и расчленети површини. Строгата и нагласено вертикална моделација која постепено добива надреални белези, како навестување за понатамошните интереси на авторот. Понатамошните истражувања уметникот ќе ги насочи кон анализа и расчленување на вертикалата, како и кон спроведување извесен симболично-декоративен концепт, при што делото се разрешува како вертикала, со завршница во форма на диск во кој е впишан зракаст мотив. Неговите скулптури во седмата деценија на ХХ век се под влијание на неговите професори Кратохвил и Петровиќ, кога го развива конструктивистичкиот градителски пристап кон формата, за почеток како своевиден ангажиран пристап со егзистенцијалистички призвук.
977. Маневски Стефан, Без наслов, 1984, обоен декопиран плех, 95х115х39.JPG
Маневски Стефан, Без наслов, 1984, обоен декопиран плех Енформелистичките тенденции и доживувањето (и претставувањето) на егзистенцијалистичките немири и дилеми во уметноста се „совпаѓаат“ со почетокот на скулпторскиот израз во метал на Стефан Маневски. Тој започнува да ги користи изразните можности на металот критикувајќи го модерниот техницизам и цивилизациските придобивки, а металните отпадоци и апаратот за заварување беа главен негов реквизитариум во оформувањето на облиците, на објектите и во структурирањето на разиграните динамични површини. Тотемските фигури на Маневски сега го продолжуваат својот развој и живот во иста вертикална насоченост, со завршница на кружен диск или раскрилена форма (на врвот на обелиск), концентриран околу одредено „светлосно“ јадро, при што во оваа скулптура на материјата го потенцира материјалот – металот и металните делови, металните остатоци кои се вклопени во целината што личи на филигран, како носители на значењето.Кон крајот на седумдесеттите години, конструктивистичките преокупации на Стефан Маневски се насочени кон создавање творби кои се навидум вклопени во одредена рамка, но пулсирањето на скулптурите и/или нивните делови се базира врз мултипликација на еден брановиден линеарен мотив што ги потенцира спротивностите на материјалот, односно хармоничната испреплетеност на брановидните ленти. Како спротивност се дефинира играта на светло – сенка, постигната низ односот на ритмичност и статичност на формите, односно на суптилните поп-артистички референции во монохроматскиот нанос на бојата која е нанесена на широките статични партии, наспроти сјајот на динамичните форми, со што во овие скулптури особено доаѓа до израз техничката и технолошка совршеност на изработката, со нагласена рационална и естетска природа на релјефност, движење, линеаризам и веќе пројавената тактилност. Последните скулптурални остварувања на Стефан Маневски се фокусирани кон егзистирањето на еден примарен брановиден облик со комплетно редуцирање (отфрлање) на сегментите со малите метални брановидни ленти. Всушност, овие дела, изведени во боен метал, со компактен волумен, се чини дека издвоено ја претставуваат, со извесно предимензионирање, токму онаа единствена брановидна линија што во претходните остварувања беше со минимални димензии и мултиплицирана.