Драги пријатели и почитувачи на нашата музика,
Со особена чест и задоволство Ве покануваме на традиционалниот концерт „Божиќ слава“, кој ќе се одржи на Божиќ во градската соборна црква „Рождество на Пресвета Богородица“ (спроти МАНУ), со почеток од 19.30 часот.
Годинава, на наша голема чест, покрај детското хорче „Херувини“, наш гостин ќе и биде машкиот византиски хор „Хармосини“.
За женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“, после големите успеси на Светските хорски игри во Рига, Летонија, ова е само уште една алка во синџирот настапи на низа свечени литургии, фестивали и други хорски манифестации, со кои сѐ уште ја остварува мисијата како амбасадор на нашето црковно пеење, како во Македонија така и во странство.
Хорот „Света Злата Мегленска“ е составен од 20 женски вокали, од кои повеќето се млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Иако волонтери според ангажманот, тие со својот професионален однос придонесуваат за афирмација на македонската културна традиција, како и за популаризација на хорското црковно пеење на автентичен начин и со висок квалитет.
Концертот „Божиќ слава“ е во рамки на манифестацијата „Божиќни свечености“ и традиционално се одржува секоја година со благослов на архепископот охридски и македонски г.г. Стефан, под покровителство на г-ѓа Маја Иванова, сопруга на претседателот Ѓорге Иванов и Министерството за култура.
Да го прославиме заедно најголемиот христијански празник!