НЕДЕЛА НА МАТКА ЌЕ СЕ ОДРЖАТ ДЕНОВИТЕ НА КРАЛЕ МАРКО
Презентација на Македонија низ митови, тоа е новината во презентирањето на нашата земја. Градот Скопје со Здружението на граѓани "Уметнички ракотворби" започнуваат интензивна кампања за промоција на културно-историските споменици во нашата земја пред постетителите и туристите. За таа цел в недела, на 18 мај, а Матка ќе се одржи манифестацијата Деновите на Крале Марко, што годинава се одржува по втор пат. Во програмата што е планирана од 12 до 17 часот ќе биде презентиран периодот во кој владеел Крале Марко, а пред бројните гости кои се очекуваат, како домашни така и странски, меѓу претставниците од Градот Скопје, ќе се обрати и авторот на книгата "Приказната за големата камена глава, јунакот и копјето кое пее!" од проф. д-р Ферид Мухиќ, кој ќе го промовира митот.
- За туристичко претставување на земјата е изготвен и интернет портал www.kingmarkoland.com кој содржи богат избор од народни приказни и легенди поврзани со името на историскиот и епски јунак Крале Марко. Порталот преку тесктови и фотографии ја прикажува Македонија како земја со многу природни убавини и атрактивна туристичка дестинација. Содржината на порталот ќе биде преведена на 10 светски јазици, вели Гордана Јанакиевска, продукт менаџер на Проектот.
В недела, на Матка е планирана и богата културно-уметничка програма и презентација на уметнички ракотворби. За заинтересираните граѓани ќе биде обезбеден и бесплатен превоз со поаѓање во 10 и 11 часот.
(М.Г.)