Ерсте конкурсот отворен до 1 декември
Поради големиот интерес за учество на Конкурсот за најуспешни проекти на Ерсте фондацијата, најголемата фондација со седиште во Виена, го продолжи рокот за аплицирање до 1 декември. Право на учество имаат сите непрофитни организации, јавни државни установи, граѓанско општествени организации, приватни иницијативи, верски заедници и медиуми носители на проекти кои се ангажирани на иновативен начин да решат некој проблем во заедницата или придонесуваат за општествена интеграција на ранливите групи.
Аплицирањето е многу едноставно, се пополнува само апликациониот образец што е објавен на www.integrationavard.org, кој може да се симне од интернет порталот и да се испрати на директната електронска пошта Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.. Освен паричната награда од наградниот фонд тежок 295 илјади евра, се обезбедува широко јавно признание за достигнувања во областа на општествената интеграција во повеќе земји во регионот на Централна и Југоисточна Европа.
- Овој конкурс е уникатен бидејќи не финансира, туку ги наградува оние проекти што успешно се спроведуваат, така што сите потенцијални кандидати за наградата се оние што работат на интеграција на ранливите групи. Многу е важно проектите да се веќе започнати и да има видливи резултати од нив - појаснуваат од Ерсте фондацијата. Наградите овозможуваат поддршка на добитниците не само во финансиска смисла, туку во умрежување и публицитет. Доделувањето ќе се одржи во јуни, идната година, а првонаградениот освен 20.000 евра ќе добие можност да сними и професионален филм.
Македонија за прв пат влегува во трката за награди во која учествуваат десетина држави од регионов. Минатата година биле пријавени 600 проекти од кои биле издвоени 60, 10 добиле парична награда, а уште толку проекти биле наградени за почесно споменување. Ерсте фондацијата е главен акционер и основач на Ерсте банка.