На Филозофскиот факултет во Скопје, денеска почнува научниот собир, кој е дел од Меѓународниот научен собир и годишна конференција под наслов „Антиката е вечна“. Собирот има за цел да ги презентира најновите согледувања за начините на опстојување на античките културни традиции во еден цивилизациски континуитет и тоа од историски, археолошки, епиграфски, книжевно-теориски аспект. Програмата е конципирана на начин кој треба да овозможи и усвојување на дидактички приоди при имплементацијата и презентацијата на научните согледувања во процесот на образование на младите генерации. Предавачите се угледни експерти од повеќе европски земји и тоа: Белгија, Швајцарија, Германија, Русија, Хрватска, Романија и од Македонија, кои едовремено се искусни и доакажани педагози. Пријавените теми покриваат широка палета на научно сродни области како што се класичната филологија, епиграфијата, филозофијата, книжевноста, историјата итн, а се однесуваат на рецепцијата на антиката, на нејзината сеприсутност во современиот свет, на модалитетите на презентирање на таа сеприсутност.
Вториот ден од собирот ќе биде посветен на Генералното собрание на Еврокласика, на кое ќе присуствуваат над 20 претставници од европските земји и на кое ќе стане збор за прашања поврзани со статусот, заедничките европски стандарди во наставата по класичните јазици, како и други заеднички европски проекти. (Н.П.)Утрински весник