Театарските и кинопроекциите во Македонски народен театар, Театарот за деца и младинци и во Кинотека на Македонија, од денеска до 25 декември, ќе бидат бесплатни за граѓаните на Скопје во рамките на културната недела што ја организира Стопанска банка. Културната недела се случува по повод 65-годишнината од основањето на оваа банка во нашата земја и влезниците за претставите и проекциите во овие пет дена ќе се подаруваат во пет експозитури на банката во Скопје: „Младина“ на Кеј, Градски трговски центар, „Мајка Тереза“, „Веро 2“ и „Јане Сандански“.
Денеска во 20 часот, во Кинотека на Македонија ќе биде прикажан филмот „Денот на мрмотот“, а до крајот на културната недела ќе бидат прикажани уште четири филма: „Животот е убав“, „Волшебната судбина на Амели Пулен“, „Гладијатор“ и „Кодот на Да Винчи“.
Во МНТ вечерва во 20 часот ќе се игра претставата „Госпоѓа министерка“, а во следните денови на програмата се „Мара Сад“, „Лет во три глави“, „Фигаро се разведува“ и „Сомнително лице“.
И Театарот за деца и младинци ќе учествува во програмата со пет претстави. Денеска во 19 часот најмладата публика ќе може да ја погледне претставата „Убавицата и ѕверот“. До крајот на неделата ќе бидат прикажани „Снежана и седумте џуџиња“, „Црвенкапа“, „Лакомата меца“ и „Попот и неговиот слуга будал“.