Крива Паланка, 15 јуни 2012 (МИА) – Во организација на Здружението на копаничарите на Македонија (ЗКМАК) од денеска до 22 јуни годинава во конаците на манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“, кај Крива Паланка се одржува 19. Традиционална меѓународна копаничарска колонија „Копаничарство во 2012 година“.
- Во овој меѓународен копаничарски кампус ќе твориме претежно на ореово и крушово дрво во техниките ажурен, плиток и длабок релјеф, изјави за МИА Злате Крстески од Битола, претседател на ЗКМАК.
Тој додаде дека воедно ќе се користат техниките и искуствата од дебарската и охридската копаничарска школа, а мотивите ќе бидат од македонската флора и фауна, религијата и исконското опкружување на манастирскиот комплекс „Сарандопорски“.
Паралелно со одржување на колонијата во конаците на манастирот „Осоговски“ ќе биде отворена и изложба на копаници изработени од учесниците на копаничарската школа.
Во тека на еднонеделното творење на копаничарските дела се очекува да се одржи и седница на Претседателството на ЗКМАК при што централно внимание ќе се посвети на одбележувањето на јубилејот 20-годишнината од постоењето на Здружението. Овогодишните копаничарски дела ќе бидат изложени во октомври годинава во изложбениот салон при Домот на АРМ во Скопје. љс/лв/11:47