Коњаниците од Река во МАНУ
Утре ќе биде отворена изложба на Невзат Бејтули-Кица, сликарот од Тетово кој цели три месеци, без никаков надомест, сликал во простор на комбинатот „Тетекс“
Гојко Ефтовски
Во изложбениот салон на МАНУ утревечер во 19 часот ќе биде отворена изложба на афирмираниот сликар од Тетово Невзат Бејтули-Кица, што воедно е и единаесетто авторово самостојно претставување пред љубителите на ликовната уметност.
Претставувањето на Кица не е само чест добиена од МАНУ, туку, пред се', обврска за максимална сериозност, но и чест да се биде присутен со свои платна меѓу највисокиот аудиториум на земјава. Триесетината слики, масло на платно, тематски се вклучени под заедничко име „Коњаниците од Река“, како дел од познатиот циклус „Човек и коњ“. Невзат Бејтули посебно му е благодарен на комбинатот „Тетекс“ каде што му бил даден соодветен простор за подготовка без никаков надомест и каде што интензивно творел цели три месеци, подготвувајќи ги токму платната кои ги изложува во МАНУ.
„Раката на сликарот остава трага на платното - еден потег и се случува откровение за окото: некаков светлосен распад и пробивање на светлината од длабочината на сликата, потрес што предизвикува пукнатина на површината на нештата. Некоја поинаква материја се движи под површината, материја како магма, и поради неа нештата итаат кон воздушеста, лелеава состојба и оттаму се појавуваат првите растреперени привиденија и призраци“, ќе напише Емил Алексиев за творештвото на Невзат Бејтули-Кица, пред се', за неговиот циклус „Човек и коњ“.
Алексиев понатаму вели: „Уште еден силен потег преку целото платно и зад раката на сликарот се појавува молња. Молњата осветлува мрачен предел: коњаници јурат по пусто поле, запенети коњи фрчат и удираат со копитата по земјата, гривата им се виори на ветрот, се креваат на задните нозе наспроти небото, нивните тела се сјајни од пот, под кожата им треперат мускулите, ги затегнале жилите и тетивите. Страшни се овие коњи и коњаници. Се подигаат на задните нозе со коњаници во златновезени долами, со лелеави наметки, со криви сабји опковани во сребро и опточени со скапоцени камења, коњи со моќни чела, гради, срца, бедра, колена, копита, со стомаци напнати како тапани, коњи силни како бурата низ која вјасаат кон небото и се престоруваат во облаци со гриви од молњи и очи како ѕвезди. И токму овој изблик на животот, оваа победа на волјата да се опстои наспроти силите што не' влечат назад кон земјата, во калта, победа на волјата да се достигнат ѕвездите, а приказна што, со раце до лакти во боја, на своите слики ја раскажува сликарот Невзат Бејтули-Кица“, ќе запише ликовниот критичар.
Невзат Бејтули Кица е роден 1962 година во Ѓурѓевиште, Гостивар. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, а постдипломски студии завршил во Приштина, во класата на професор Реџеп Фери. Работи како професор на Факултетот за ликовни уметности при Државниот универзитет во Тетово, на Факултетот за ликовни уметности. Реализирал студиски престој во Париз. Добитник е на наградата „Петар Мазев“ на ДЛУМ, на втората награда за скулптура „Неџат Аголи“, од конкурсот
„Скопје 2014“ на откупна награда за Акварел на Општина Карпош. Самостојно се претставил во САД, Македонија и во Италија. Учествувал на повеќе семинари и колонии во земјава и надвор од неа.