22.11.2012,
Изложба на Иван Блажев во МСУ
Под наслов „Текстура на животот“ вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на фотографии на фотографот Иван Блажев каде што ќе биде презентиран избор од 65 од авторовите претходно необјавени или неизложувани фотографии. Според кураторот Зоран Петровски, „Текстура на животот“ го истакнува особениот интимистички и лирски сензибилитет во фотографијата на Блажев.
„Со фреквентноста во продукцијата и со грижливо осмислените настапи, кои ги реализираше во текот на изминатата деценија, Иван Блажев е денес една од најзабележителните авторски профилирани појави во македонската фотографија. Својот израз го темели врз традициите на документарната фотографија“, вели Петровски. Творештвото на Иван Блажев, потсетува тој, се препознава по редица впечатливи изложби и книги во кои се занимава со актуелни социјални теми (како „Искри“, работен за проблемот на постконфликтните поделби меѓу учениците во Тетово, или „Дома“, за животот на студентите во бараките на студентскиот дом „Стив Наумов“), или со различни урбани нарации (како „Пријатели“, „Скопје со широко отворени очи“ или „Лицата на невидливиот град“ во кој на индиректен начин ја допира контроверзната дебата за создавањето на новиот идентитет на Скопје). (К.Б.)