Ве информираме дека во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица на 26 декември 2012 година (среда) во 20 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на Славица Јанешлиева под наслов “Впечатоци“.
Графичар по својата примарна вокација, Славица Јанешлиева континуирано го базира својот творечки опус врз експериментирањето со различните техники на овој медиум. Нејзината најнова изложба на графики под наслов „Впечатоци“, составена од повеќе циклуси кои ја претставуваат нејзината дејност во изминативе пет години, е потврда на посветеноста кон истражувањето на бескрајните можности на одредена графичка техника и доведувањето на истата до нејзините крајни граници, што ја одразуваат исклучителната посветеност на оваа авторка.
Циклусите дела презентирани под еден генерален наслов „Впечатоци“ се разликуваат помеѓу себе според изборот на техниката, но и визуелниот пристап кон знаковното како репрезентација. Во нив се потврдува специфичниот авторски сензибилитет на Јанешлиева кој во случајов својот фокус го базира врз гестот, односно симболичниот третман на елементите, а акцентот е ставен врз композицијата и ликовната естетика, како и на чувството за пренесување на лирската атмосфера каде како главни „наратори“ се присутни фрагментите од видената / доживеаната (лична) реалност пренесена преку асоцијативни апстрактни форми.
Во целокупниот творечки ракопис на Јанешлиева нагласено интимистичкиот лирски дискурс е позициониран наспроти ангажираниот карактер на некои нејзини дела. Графиките на Славица Јанешлиева се свртени кон субјективното толкување на стварноста и се одликуваат со интимистички карактер на доживеаното. Во метафизичките простори на најновите дела, концентрираната едноставност во минималистички пренесените сензации и суптилните детали е користена со намера да се изрази суштинската содржина на нештата. Непостојаноста и минливоста на животот како константа во делата на Јанешлиева, со карактеристичен меланхоличен призвук и прифаќање на промените и движењето на циклусите, го одразуваат немирниот истражувачки дух на оваа авторка која постојано го потврдува своето место како еден од најиндивидуалните автори не само во графиката, туку и во рамките на современата македонска ликовна уметност воопшто.
СЛАВИЦА ЈАНЕШЛИЕВА е родена 1973 година во Скопје. Во 1996 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика. Во 1998 магистрирала на истиот факултет. Од 2006 работи како доцент на Катедра по графика, на Факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во 2011 година е избрана во звањето вонреден професор. Од 2008-2010 продекан на ФЛУ. Досега реализирала 19 самостојни изложби во Скопје, Битола, Велес, Струмица, Босвил (Швајцарија), Братислава (Словачка), Њујорк (САД), Утрехт (Холандија), а учествувала на мноштво групни во целиот свет. Добитник е на голем број награди, а нејзини дела се наоѓаат во колекциите на 17 музеи и галерии во Македонија, Србија, Полска, Франција, Унгарија, Романија, Белгија, Финска, САД, Јапонија.
Со почит,
Национална галерија на Македонија