Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 21 јуни 2013 година (петок) во 20 часот ќе се отвори изложба на Марија Светиева.
Нејзината уметност е чувствување на животот преку невини асоцијативни претстави, микросостојби, временски и вонвременски за сето тоа да се преобрази во спас на траењето од заборав, односно да создаде миловидност што не познава загуби и погуби. Значи, создадена е уметност што магепснички плени, уметност што трепети буди и надежи гради. Сликарство отворено со бескрајна инвентивност мелодиски палети и хумани пораки, а раскошната слобода, пак, во играта на духот не плени со магична сила. Во секој случај, станува збор за совладана вештина на сликарските техники, а смелоста и антологискиот избор на чувствителноста е состојба што ја создава фаустовската авантура, но лично и самостојно без ничие посредништво. Секој нејзин потег намерен или не ја реализира целината на визијата, а таа, пак, може да ја сметаме за оправдана и можна или, пак, да ја доживееме како мноштво од метафигурални облици.
Марија Светиева оваа година одбележува 25 години ликовно творештво.
Кустос на излозжбата е Љупчо Маленков.
Изложбата ќе ја отвори г-а Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија.
Со почит,
Национална галерија на Македонија