Да не оставиме да згасне култното Џез ФМ радио
На 27 јуни во МКЦ, со концерт во живо, ќе се одржи настан за спас на едно од ретките радија во светот чиј опстанок е неизвесен
Тина Иванова
„Ќе успееме ли да го спасиме скопското Џез радио?“ Ова прашање кое си го поставуваат љубителите на џезот и, воопшто, на музиката деновиве се' посилно одекнува. Постоењето на едно од најспецифичните радија во Скопје и во Македонија, кое по својата содржина се смета за раритет, некој ќе каже дури е редок пример и за Њујорк и тоа без претерување, Џез ФМ радио, кое зрачи на фреквенцијата 100.8, се доведува во прашање. Неизвесно е неговото преживување по 15 години непрекинато емитување на особено квалитетна џез-музика, но и блуз и т.н. world music, радио на кое можат да се слушнат и сосема ретки звучни парчиња, радио кое не' посипува со богатство од информации за џез-музиката. Радио кое е дел од скопската култура, кое е начин на живеење на многу скопски генерации.
На 27 јуни, во Младинскиот културен центар од 19 часот Џез ФМ радио ги повикува сите вљубеници во музиката да присуствуваат на концерт во живо со џез-гитаристот Тони Китановски и неговата придружба, како и со групите „Летечки пекинезери“, „Кабадајас“ и „Свингерс“. Ова е настан кој е отворен и слободен за секој што сака да го поддржи радиото, но и да донира средства за негово опстојување.
За причините за замирање на ова сега веќе култно радио, неговиот директор, Ален Хаџи Стефанов, вели дека е време на игнорантски однос на маркетинг-агенциите. Затоа, вели, радиото сега бара помош од слушателите.
„Многумина не веруваа дека радиото ќе издржи дури две години, а не, пак, петнаесет. Во тој шарен период на раст и опад, многумина видоа тешки времиња од една или од друга причина, па логично и ние да не бидеме имуни на светските (а, сепак, локални трендови). Без разлика на условите, целта остана и останува иста - да се пренесе не само една посебна култура на музика, туку и еден пакет-сфаќања, начин на размислување или, ако сакате, филозофија на живеење преку спектарот на музичката култура презентирана на 100.8 Џез ФМ радио. Треба да сме ви олеснување од досадното секојдневје, изненадувајќи ве на секој чекор со нешто убаво, нешто ново нечуено. Дојде време кога може да се каже дека игнорантскиот став на маркетинг-агенциите и одговорните маркетинг-директори не' стави во ситуација да побараме помош од вас, слушателите, како последна опција за понатамошно постоење, како што има многубројни примери во светот. Вака, конечно, ќе можете да и' дадете вистински и реален глас на нашата идеја“, вели Хаџи Стефанов.
За тоа какво е значењето на Џез ФМ, гитаристот Тони Китановски вели: „Значењето на Џез ФМ е неизмерно! Ова бомбастично кратко видување може да се аргументира од три гледни точки: културен придонес (секојдневно и целодневно емитување на уметничка музика од врвен квалитет и сите периоди, вклучувајќи ги и најновите изданија); квалитет на емитување и подготовка на програми со специјализирани содржини; уникатност (на прсти може да се избројат џез-радија во светот што емитуваат дваесет и четиричасовна програма секој ден во годината, а уште помалку ги има со ваков квалитет)“. За тоа што значи Џез ФМ за него лично, пак, вели: „Секогаш кога ќе допатувам во Скопје однекаде, прво ќе ме израдува и поздрави звукот на ова радио, нешто на што можам да сметам. Да се спомене и дека Ален Хаџи Стефанов, покрај тоа што е главен креатор на програмата, е и најзаслужен за продукцијата на речиси сите џез- изданија кај нас, но и пошироко во регионов“, вели Китановски.
За музичкиот новинар Љупчо Јолевски, голем љубител на џезот, Џез ФМ радио една и пол деценија е не само македонски, туку, воопшто, и регионален феномен. „И не само музички, туку, воопшто, и супкултурен. Едно од ретките на Балканот кое има јасна програмска определба и кое во ниту еден момент не отстапи од првичната идеја да едуцира на просторот на кој суверено владеат турбоидеологијата и невкусот. Ваквиот идеалистички и донкихотовски пристап, својствен за уште две-три локални радиостаници - Канал 103, во еден период и Радио Равел, за жал, ни малку не му погодува на времево и на просторот на кој живееме. Овде ’пари и реклами‘, што значи разбирање и поддршка, има само за оние што во билдањето на рејтинзите сеат ветар и магла во етерот и чие познавање на нештата се првите 10 места на квазитоп-листите што ги ’креираат‘“.
Јолевски истакнува дека стивнувањето на Џез ФМ би било огромна загуба. „Во миговите кога Македонија со нетрпение го очекува новото издание на ’Скопски џез-фестивал‘, убедливо еден од најквалитетните на стариот континент, и згора на тоа „Оф-фест“, како случување кое од година на година станува се' попотентно и на тој начин успешно ја врши својата обединувачка културна мисија, би било огромна загуба не само за оние што ставиле шајка на неговата фреквенција, туку севкупно за сите кои се' уште настојчиво веруваат дека не треба да бидеме слепото црево на светот. А нивниот број сакам да верувам дека и не е мал“, смета тој.
Да се надеваме дека во ерата на медиумската криза се' уште ќе имаме едно радио со кое ќе се гордееме и фалиме пред светот, но и кое со својата едукација, барем во одредена средина, ќе влијае врз креирањето на вкусот и на понатамошните генерации.