Во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена меѓународната графичка изложба „Екс либрис“
Најавуваниот авторски концерт на светски познатиот композитор Кшиштоф Пендерецки со Македонската филхармонија, каде што тој и ќе диригира, ќе биде одржан вечерва во предворјето на „Света Софија“ со почеток во 21 часот, во рамките на Полската вечер на „Охридско лето“. На концертот ќе настапат и солистите, виолончелисти Александра Лелек, Бартос Козиак и Рафал Квиатковски, а славниот композитор вечерва прв пат ќе настапи не само во Македонија, туку и во регионот.
Во Центарот за култура „Григор Прличев“, пак, во 20 часот ќе биде отворена меѓународната графичка изложба „Екс либрис“, која ќе биде поставена во малиот изложбен салон. На неа учествуваат 45 автори од повеќе земји од светот како и домашни автори со повеќе од 80-ина дела „екс либрис“ графики минијатури.
Станува збор за дела на реномирани автори - графичари од Аргентина, Бразил, Индија, Словачка, Египет, Србија, Бугарија и Македонија. Изложбата досега беше отворена во галеријата на Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје и во галеријата при Националниот театар во Гевгелија, а се реализира како прва соработка меѓу „Охридско лето“ и Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Утревечер (недела) на програмата на „Охридско лето“ е концертот на „Роби Лакатош ансамбл“ од Унгарија, кој ќе биде изведен на Античкиот театар, со почеток во 21 часот. На програмата ќе бидат дела на Лакатош, Пјацола, Кон Диос, Дунаевски, Римски - Корсаков, Динику. Роби Лакатош е еден од ретките музичари кој им пркоси на дефинициите. Го нарекуваат „ромски виолинист“ или „ ѓаволест виолинист“, класичен виртуоз, џез-импровизатор, композитор и аранжер, „повратник од 19 век“, а тој всушност е сето тоа заедно.
Извор: Утрински весник