Јубилејниот 15-ти „Зимски салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија ќе биде отворен вечерва, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, во „Мала станица“
Денис Тенев
Селектор на делата за изложбата е Емил Алексиев, а темата годинава е „Тело што помни“. На овој салон се продолжува тенденцијата поставена со 13. „Зимски салон“, кога манифестацијата станува меѓународна. Годинава, покрај 38 домашни автори, ќе учествуваат и 33 уметници од Турција, Србија, Бугарија, Словенија, Австрија и др.
На отворањето ќе се изведе перформанс на темата на изложбата, во режија на Наташа Поплавска. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска е покровител на наградата „Гран-при“.
Автор на идејното решение за комплетниот визуелен идентитет на „Зимскиот салон“ е Денис Тенев.
Салонот е тематски од 2006 година, со што се ангажираат уметниците на индивидуален творечки чин, кој нуди широки асоцијации од случувањата во нашето современо урбано живеење. Новина е гостување на реномирано, референтно кураторско име, кое одлучува за финалниот избор на делата и ја определува наградата, со што се постигнува меѓународна валоризација. Досега гостувале кураторите Ролф Килц Мекензи (Германија), Филип Зидаров (Бугарија), Томур Атагок (Турција), Филип Маурер (Австрија).
Извор: Нова Македонија