15.04.2014 год.
МАНИФЕСТАЦИЈА ПО ПОВОД ПРАЗНИКОТ ВЕЛИГДЕН
Подарете книга и добијте велигденско јајце од најмладите илинденци
Собраните книги се наменети за општинската библиотека "Илинден". Во изминатите седум години преку оваа манифестација вкупно се собрани над 22.000 книги
Општина Илинден традиционално 8-ма година по ред ја организира манифестацијата "Подарете книга за велигденско јајце - симбол на Христовото воскресение". Оваа уникатна и единствена од ваков вид манифестација која истовремено ги обединува образованието, културата, уметноста и традицијата ќе се одржи на 17 април (четврток), во периодот од 10 до 14 часот во Домот на култура Илинден", во населба Илинден.
По повод големиот христијански празник - Велигден, учениците од трите основни училишта и дечињата од градинката во општина Илинден ќе украсат 2014 велигденски јајца во знак на Две илјади и четиринаесеттото лето господово, што ќе ги подарат на секој посетител што за возврат ќе подари книга. Собраните книги се наменети за општинската библиотека "Илинден".
Во изминатите седум години преку оваа манифестација вкупно се собрани над 22.000 книги. Од Општината упатуваат покана за учество на претстојната манифестација до сите граѓани, како и благодарност до сите досегашни учесници, на претставниците од бизнис-секторот, повеќе издавачки куќи, научни институции и факултети, учениците од основните училишта, како и големиот број граѓани, кои со дарувањето книги го збогатија библиотечниот фонд на првата Општинска библиотека Илинден", како и библиотеките во основните училишта Гоце Делчев", Ристо Крле" и Браќа Миладиновци".
Извор: Вечер