http://cooltura.mk/?p=48409
Во Лазарополе денеска и утре ќе се одржи работилница за стрип, во рамки на проектот Креативен викенд …
На работолницата која се одржува по втор пат, ќе бидат претставени највозбудливите стрип цртачи на локалната и регионалната сцена, кои преку своите предавања и презентации ќе ја претстават својата досегашна работа, ќе ги изложат своите искуства за и околу стрипот, проблемите со кои се соочува локалната сцена, визиите за иднината на стрипот како уметност и како стрипот понатаму ќе се развива во локални и глобални рамки.
Учесниците на работилницата ќе можат да цртаат стрипови на зададена тема, заедно да работат, да се инспирираат, создаваат, да ја претстават својата работа, да соработуваат, воедно и да се дружат овие два дена и да уживаат во природата.
Македонската стрип сцена е се уште на ниво на андерграунд и е во процес на дооформување и созревање. Во такви услови потребата од собири каде ќе се пишува и презентира е и повеќе од потребна. Вмрежувањето помеѓу млади и надоаѓачки цртачи, како и оние кои се веќе подолго време присутни на сцената и нивна взаемна соработка и размена на искуства е нужност.
Оваа работилница ќе се обиде на едно место да собере цртачи и млади кои се заинтересирани за стрипот и цртањето, кои заедно ќе работат, врз основа на што би се создала база за нивна понатамошна соработка на ниво на локална сцена.
Ова е еден чекор кон креирање на своевидна нова цртачка заедница, која ќе ги има сите параметри на една здрава сцена која меѓусебно ќе комуницира и соработува во иднина.
Работилницата за стрип е наменета за стрипаџии и цртачи, а ќе се состои од предавања/презентации и работни сесии (цртање) каде авторите ќе имаат можност меѓусебно да се запознаат, да цртаат, да ја презентираат својата досегашна работа и да ги видат цртежите на другите автори.