Традиционалната интернационална Ликовна колонија Галичник, својата овогодинешна, 26-та по ред, сесија ќе ја започне во петок, 15 август и ќе трае до 22. На неа ќе земат учество 9 уметници од повеќе земји и тоа: Дејвид Гринберг - Велика Британија (еден од минатогодишните претставници на Велика Британија на Венециското Биенале); Катарина Банушевац - Србија; Јоана Пиару - Романија; Беким Корча - Косово; Маурин Бахаус - Холандија; Ајсберг Фернандез - Шпанија; Јетон Муја - Косово; Бригита Антони - Црна Гора и Ана Лазаревска - Македонија.
- Овогодишната сесија на ликовната колонија Галичник, со цел да го одржи не само квалитетот и професионалноста, кој е веќе потврден и од домашната уметничка фела и критика, но и од странската, туку и да биде во чекор со најновите текови во уметноста, и овој пат ќе опфаќа работа само и исклучиво со таканаречените „нови медиуми“, т.е. фотографија, дигитална графика, фото инсталација, видео арт, видео инсталација. Сите учесници се значајни и афирмирани уметници во земјите од каде доаѓаат, а и пошироко, со исклучителни остварувања зад себе и иако повеќето млади имаат веќе изградени богати биографии.
Очекуваме и убедени сме, дека и овогодишната креативна средба, како и сите досега, ќе се одржи на највисоко професионално ниво и дека како резултат на тоа ќе бидат создадени одлични дела, а Ликовната колонија Галичник уште еднаш ќе го докаже квалитетот и посебноста, поради која стана препознатлива и единствена манифестација не само во Македонија, туку и на светската арт мапа.
Искрено и со почит,
Ана Франговска,
уметнички раководител