Во Галеријата ЕЛ ГРЕКО, на 12 декември 2014 година (петок) во 20 часот ќе се отвори изложба слики, цртежи и релјефи на Владимир Георгиевски, по повод 400 години од смртта на познатиот ренесансен сликар Ел Греко (1541-1614).
По повод 400. г. од бесмртноста на Д. Т. Ел Греко, нашата истоимена галерија се приклучува кон сеопштата прослава, со своевидниот омаж на Владимир Георгиевски за големиот шпански сликар.
Слични во својата различност, хронотопски оддалечени, но духовно сродни, со заедничка византиска културна заднина, со повеќеслојна ликовна и религиско-филозофска рефлексија, низ распнувањето на платното и сличното молитвено бдение, двајцата сликари ја испишуваат енигмата за човекот и ја опеваат химната за Бога. Иако колористички различни, густото ткаење на нивното библиско писмо се одвива низ експресијата на сложената наративна структура. Поетиката на елегантната, лонгитудинална телесна морфологија на Ел Греко, кај нашиот мајстор е модифицирана низ драматичната робусна деформација на линијата која е последица на човечкото страдање. Набљудувачите кои се надвор од етичко/аскетското и естетско искуство, надвор од Словото за славата на Творецот, треба да научат пред нивните дела да тихуваат, за да не го нарушат нивното богоопштење!!!
(Конча Пиркоска)
Со почит,
Галерија Ел Греко