Да се подигне перцепцијата и да се зголеми свеста за важноста на културата се главните цели на конференцијата што ја организираат „Паблик рум“, Европската алијанса во Македонија и Министерството за култура, под покровителство на Владата и на Собранието.Се очекува на форумот да се одвиваат конструктивни дебати меѓу претставници на граѓанскиот сектор и креаторите на политиките, за развој на културниот сектор во Македонија и нејзино издигнување на Европско ниво.Културата ќе биде главна тема на форумот. На дебатите ќе учествуваат европарламентарката Дорис Пак, Ерхад Бусек, специјалниот координатор на пактот за стабилност на Југоисточна Европа, Меглена Кунева, членка на Европската комисија и на бордот на европското здружение „Душа за Европа“, Ерван Фуере, амбасадор на Европската Унија во земјава и многу други.Работниот дел на форумот почнува денеска, во 15.50 часот.
Учесниците ќе зборуваат на тема „Националните политики во однос на иницијативите во граѓанскиот сектор“. Модератор е Михаел Земан, холандски новинар, есеист и поет.Како главни излагачи се најавени Ерван Фуере, специјалниот претставник на Европската Унија и главен претставник на Делегацијата на Европската комисија во Македонија и Елизабета Канческа-Милевска. На денешната дебата ќе учествуваат Јелко Кацин, член на Европскиот парламент, Маријана Грандитс, Директор на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа и Сашо Клековски од Македонски центар за меѓународна соработка.Освен луѓе активни во политиката, на форумот ќе учествуваат и видни личности од културата. Меѓу нив се Милена Драгиќевиќ-Шешиќ, ректор на Факултетот за уметности на Универзитетот во Белград, нашиот писател Венко Андоновски, актерката Лабина Митевска, Бирал Матра од Истанбулското биенале, Синоличка Трпкова од Факултетот за драмски уметности од Скопје, Анмари Труек од „Културконтакт“ од Австрија и многу други.Форумот нема да биде само дискусија што ќе заврши со декларација. На крајот на дебатите ќе биде донесен план во кои правци да дејствуваат институциите понатаму. Додека се тука, учесниците ќе договорат конкретни ангажмани за соработка во наредните години.
(В.И.)
{moshits}