Претставата "Лучија од Ламермур" од Гаетано Доницети, вечерва, (20 ч.) ќе биде изведена на сцената на Македонската опера и балет, во рамките на Мајските оперски вечери.
Улогата на Лучија, која се смета за врв во оперската колоратура, ќе ја изведе сопранот Џесика Прат од Австралија. За неа, светската критика пишува дека е една од подобрите млади "Лучии" во светот. Настапуваат и тенорот Кирил Манолов од Бугарија и баритонот Ричард Карлучи од САД, кој во моментов живее и работи во Германија. На местото на најавениот Ивица Шариќ ќе настапи Анте Јеркуница, бас од Хрватска. Со оркестарот на МОБ ќе диригира Италијанецот Карло Донадио, а режијата на делото ја направи Пламен Карталов од Бугарија.
Мајските оперски вечери, годинава, веројатно ќе се паметат по неповторливиот настап на тенорот од Русија, Владимир Галузин, кој во саботата во изведбата на делото Турандот" од Пучини, ја остави публиката без здив и и приреди незаборавно оперско доживување.
МОВ завршуваат в сабота, со изведбата на делото "Аида" со гости од САД, Бугарија, Италија, Македонија и Велика Британија.
(А.Ј.)