Вечерва, во НУЦК Антон Панов со поч. 20,00 час., со интонација на македонската државна химна, ќе започне 4-тиот АСТЕРФЕСТ, струмичкиот филмски фестивал кој ќе прикаже 50-тина филмови од 34 држави. На повеќе простори во Струмица, ќе се празнува филмската уметност, во знакот на 90-годишнината од првата филмска проекција во Струмица. На самото отворање, свечено ќе му биде доделена Наградата АСТЕР, единственото Признание за високи достигнувања во полето на авторскиот филм, на хрватскиот режисер Лордан Зафрановиќ кој од Прага веќе пристигна во Струмица. Покрај Плакетата АСТЕР, тој како подарок ќе добие и уникатен сувенир со ликот на Александар Македонски. Непосредно потоа ќе се прикажат романскиот краток игран филм Добар ден за пливање на Богдан Мустата, минатогодишен добитник на Златна мечка во Берлин и документарниот филм Марцела на Хелена Трештикова, прогласен за најдобар европски документарец во Севиља и најуспешен во Чешка последната сезона.
По малата пауза за коктел, програмата продолжува со своевиден филмски маратон, со премиерната проекција на филмовите: италјанскиот Ван Аморе, турскиот Напуштени патеки, рускиот Првите и молдавскиот Мајка од царството на сенките.
Утре препладне, во 11 час. ќе се одржи Портретот на Лордан Зафрановиќ во дворот на Манастирот Вељуса, а гостите на фестивалот ќе ги посетат Водоча и Струмин гроб.