Македонската филхармонија ќе свири заедно со двајца врвни американски ди-џеи
На градскиот плоштад „Македонија“ на 12 јуни во 21 часот ќе се одржи мултимедијален спектакл во заедничка организација на Културно-информативниот центар од Скопје и Македонската филхармонија. На огромна сцена, оркестарот на Македонската филхармонија под диригентство на Борјан Цанев ќе изведува музика од неколку култни светски, но и македонски филмови. Концертот ќе продолжи, велат организаторите, во фантастичен спој на класична и електронска музика. Имено, заедно со Филхармонијата, во вториот дел ќе настапат двајцата врвни американски продуценти и ди-џеи Christian Smith и John Selway, чија нумера „Total departure“ моментно е во врвот на светските топ-листи.
Во исто време, додека трае концертот, ликовниот уметник Мирослав Масин ќе изведува ликовен перформанс на платно со огромни димензии, а илјадници книги ќе им бидат подарени на македонските граѓани кои ќе бидат присутни на плоштадот. (Т.И.)