Јавна и стручна презентација на резултатите од научниот проект „Словачко-македонски книжевни и културни врски“ ќе се одржи денеска на Словачката академија на науките и уметностите. Автор на проектот е д-р Звонко Танески, научен кадар на Институтот во Братислава и на универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, како и почесен член на Клубот на независните писатели на Словачка.
Танески пред присутните ќе ги претстави практичните достигнувања на големиот истражувачки проект, кој е прв од таков вид и го опфаќа целиот историјат на врските меѓу двата народа, почнувајќи од заедничкото кирилометодиевско наследство па до крајот на 2007 година. Трудот нуди темелна и продлабочена опсервација на овој досега несогледуван феномен и критички ги превреднува постулатите на книжевниот процес во Македонија иво Словачка во дијахрониска компаративна рамка.
Студијата на Танески содржи и обемна систематска библиографија на заемни книжевни преводи во списанија и книги (на словачки и македонски јазик), објавувани во периодот од 1945 до 2007 година. Имплицитно, проектот предава и целосна и објективна слика за позицијата на македонистичката културна мисла и нејзините развојни етапи во Република Словачка.
В.Т.