Скопје, 18 октомври (МИА) - Во кино „Милениум“ вечер на свечена проекција премиерно ќе биде прикажан чешко-македонскиот игран филм „Созерцание“ во режија на Иво Трајков и во продукција на „Кавал-Филм“. Тоа ќе биде претпремиера на новото остварување на Трајков, а премиерата ќе биде во Чешка на почетокот на идната година кога ќе почне и киноприкажувањето и дистрибуцијата на филмот.
Филмот е подготвуван четири години, во него се зборува на чешки јазик и бил сниман осум месеци во Прага и нејзината околина. Иако се темели на библиски мотив (работниот наслов бил „Патот на Јосиф“) се работи за едноставна и современа приказна за осамен човек кој во моментот кога ќе биде напуштен мора да тргне по нов, духовен пат. „Созерцението“ или духовното самопроникнување доаѓа на крајот. Според режасерот Трајков, насловот е избран за да поттикне на размислување. Тој не е преведен, туку има три варијанти - на англиски филмот ќе се вика „Без крилја“, а на чешки - „Опашка на гуштерот“.
Главниот лик (Јосиф) во филмот го игра Давид Швехлик. Верица Недева-Трајкова го толкува главниот женски лик, која Јосиф ќе ја сретне на својот искушенички пат. Позната по улогите во „Големата вода“ и во „Караула“ таа овојпат ќе има можност првпат да се претстави и во Чешка, земјата каде што речиси пет години живее со својот сопруг Иво Трајков. Кинематографер е Клаус Фуксјагер, композитори се Зоран Маџиров и Дуке Бојаџиев, а костимографијата е на Маријана Котевска.
Буџетот за филмот е 650 илјади евра. „Созерцание“ е прв од проектите финансирани од Филмскиот фонд кој оваа година финансира девет долгометражни филмови. Од нив, четири се веќе снимени снимањето и се во постпродукција. До крајот на годинава се очекува да бидат готови и филмовите на Митко Панов и македонско-албанската копродукција на Ѓерг Џовани. Од четири кратки филмови, завршени се два и се испратени на претселекција за Берлинскиот филмски фестивал. хс/вј/9:22