Ретроспективна изложба на графики и цртежи од реномираниот уметник Димче Николов (1953-1998) вечерва во 20.30 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност во Скопје. Творештвото на Николов, клучна фигура во развојот на современата македонска графика, ќе биде претставено преку неговите дела, создадени од 1975 до 1997 година. Изложбата и монографијата за Николов ја подготви Захаринка Алексоска-Бачева, кустос-советник во МСУ.Претставувањето на творештвото на Николов е дел од намерата на Музејот да ги презентира авторите што одиграле релевантна улога во развојот на ликовната мисла во Македонија.
„Димче Николов даде значаен придонес во третирањето на графиката како самостоен ликовен медиум, поставен на исто рамниште со сликарството и со скулптурата. Претставувајќи ја својата ликовно-естетска преокупација преку класичните графички техники, тој постигнува завиден квалитет и остава неодминлива трага во развојот на оваа уметност“, пишува Алексоска-Бачева.
Николов завршил дипломски и постдипломски студии на Академијата за ликовни уметности во Љубљана. Бил професор и декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.