УМЕТНИЧКИ ПЕРФОРМАНС
Верица Ковачевска ќе шета низ Брадфорд
Прошетката ќе започне денеска, од Музејот на Боја, еден од најатрактивните историски објекти во Брадфорд, и ќе се одвива еден час. Уметницата ќе слуша звуци во живо од Мала Галерија, Скопје, од каде публиката ќе ја насочува во движењето
Интерактивниот медиа перформанс на Верица Ковачевска, Обоен повик", ќе може да го видиме денеска, помеѓу 12 и 13 часот, во скопска Мала Галерија".
Обоен Повик" е интересен едночасовен перформанс, во кој уметницата ќе изведе прошетка низ, за неа непознатиот град, Брадфорд, слушајќи звуци во живо од Мала Галерија. Прошетката ќе започне од Музејот на Боја, еден од најатрактивните историски објекти во Брадфорд, и ќе се одвива еден час.
Едновремено, публиката во Мала галерија ќе биде вклучена во одвивањето на самиот перформанс и на она што ќе може да го види и доживее Верица во Брадфорд, преку два екрани поставени во галеријата.
На едниот екран е мапата на Брадфорд на која може да се следи местоположбата на авторката преку сателитски уред за позиционирање. На другиот екран се претставени четири бои од кои публиката ќе треба да избере една. При изборот на секое обоено поле се добива звук соодветен на бојата и на значењето - Сврти десноо, Сврти левоо ..., со што публиката ќе го насочува движењето на уметницата.
Видео-документацијата на перформансот од Скопје и Брадфорд ќе биде прикажувана во Мала галерија" до 12 март, годинава.