Лондон, 20 април (МИА) - Во лондонската кино сала „Принц Чарлс“ во строгиот центар на британскиот главен град од 23 април до 7 мај ќе се одржи Вториот фестивал на македонскиот филм.
Организатор на оваа културна манифестација за презентирање на достигнувањата на филмската уметност во Македонија, како и за запознавањето на британската публика со македонската култура и со поновите и постарите филмски остварувања, е културната група „Круг“ од Лондон.
Годинашниов фестивал, јави дописникот на МИА од Лондон, се отвора со филмот за трагично загинатиот македонски пејач Тоше Проески во кој словенечкиот режисер Бостијан Слатеншек ја пренесува страствената и бескрајна љубов на Тоше за музиката и за песната.
На програмата се и филмовите „Контакт“ на Сергеј Станојковски, потоа два постари филмови - „Среќна нова 49“ на режисерот Столе Попов и „Солунските атентатори“ на поранешниот југословенски и српски режисер Жика Митровиќ, снимен во 1961 година. Истата вечер ќе биде прикажан и документарниот филм „Вода и оган“ на Киро Урдин.
Една вечер на Фестивалот му е посветена на режисерот Антонио Митриќевски, кога Лондонцани ќе можат да ги видат играниот филм „Преку езерото“ и документарецот „Љубовта на Кочо Топеничаров“. Вечерта како специјален гостин се очекува да присуствува авторот на двата филма Митриќевски.
Фестивалот годинава завршува со филмот „Прав“ на Милчо Манчевски. Овој филм на најпознатиот македонски филмски режисер ќе биде прикажан во салата БАФТА на Британската академија за филмска и телевизиска уметност во која секоја година се доделуваат најпрестижните награди за филм и телевизија во Велика Британија, што се означуваат како британски „Оскари“.
Филмот на Манчевски од 2001 година ќе биде прикажан во рамките на добротворната вечера организирана за прибирање прилози за истражувања во леукемијата на која ќе се изврши презентација и аукција на дела на современите македонски уметници. ти/рп/13:24