Скопје, 5 мај (МИА) - Од денеска до 11 мај на програмата на Кинотека на Македонија е „Ретроспектива на чешкиот филм“, која вечер ќе биде отворена со „Светот нам ни припаѓа“ (1937) на режисерот Мартин Фрич, а ќе продолжи со уште шест филма.
Ретроспективата на чешкиот филм Кинотеката ја организира во соработка со Народниот филмски архив на Чешка и Амбасадата на Чешка во Скопје. Филмовите се пресек на чешката кинематографија, особено на новиот бран од шеесетите години, еден од највлијателните, најзначајни и естетски најзаокружени филмски правци во минатиот век.
Покрај „Светот нам ни припаѓа“, ќе бидат прикажани и „Далечен пат“ (1950), во режија на Алфред Радок, „Смртоносен пронајдок“ (1958) на Карел Земан, снимен според новела на Јулес Веме, „Интимно осветлување“ (1965) во режија на Иван Пасер, „Бисери на дното“ (1966) - омнибус според кратки раскази на Бохомил Храбал, на режисерите Вара Хатилова, Јаролим Јиреш, Јиржи Менцел, Јан Њемец и Евалд Шорм, „Маргаритки“ (1966) во режија на Вера Хитилова и „Сите добри земјаци“ (1968) на Вахтех Јасни, со кој на 11 мај ќе биде затворена ретроспективата на чешкиот филм.
Кинотеката соопшти дека нејзин гостин утре ќе биде директорот на Народниот филмски архив на Чешка Владимир Опела, кој ќе ја презентира институцијата што ја раководи.
Архивот е формиран во 1943 година, и е меѓу најголемите филмски архиви во светот. Во него се депонирани 150 милиони метри филмска лента, 600 илјади фотографии, 30 илјади плакати, 100 илјади пропагандни материјали и други филмски аретефакти. Опела посебно ќе се осврне на филмската архивистика и законската регулатива.
Во галеријата на Кинотеката ќе биде отворена и изложба „Нефокусирано“, на која ќе бидат претставени современи фотографии од чешкиот фотограф Ладислав Ховорка. хс/вј/8:45