Скопје, 28 јули (МИА) - По четиримесечни интензивни подготовки, мегапроектот на Македонскиот народен театар - „Троил и Кресида“ од Шекспир во режија на Љубиша Ристиќ премиерно ќе биде изведен вечер во Куршумли ан во Скопје, а задутре и на битолскиот локалитет Хераклеја.
Екипата има околу 130 члена, од кои осумдесетина се актери - скоро целиот ансамбл на МНТ, актери од други македонски театари и студенти од Факултетот за драмски уметности.
Наместо првичната идеја - спектаклот во вид на панаѓур да тече цел ден на градски плоштад, тој поради организациски и финасиски причини ќе трае четири-пет часа, почнувајќи од 21 часот.
Иако е сменета концепцијата и претставата трае помалку, таа го задржува значењето и главната тема - како да се изгради и да се разори град, а Троја е метафора за војната што трае 3.000 години. Се работи за комплексен проект што обединува повеќе видови уметности - балет, куклен театар, опера, кабаре, живи слики, циркус... со богата сценографија, дизајн, објекти (Тројански коњ и други животни) и машини и стотина костими - сето тоа придружено со различни видови музика - класика, рок, џез...
Претставата ќе има четири дела - првиот е оперски со епски пеења од Хомеровата „Илијада“, вториот „Кратка историја на Олимп“ е комбинација на антички митови, рокенрол и модерен танц, во третиот дел е Шекспировата трагикомедија „Троил и Кресида“, а четвртиот и најкраток дел е „Црвен килим“ и враќање на „Илијадата“.
- Ова е време на тешка економска ситуација за театарот и за културата воопшто кога е таа последна на списокот. Но, со ентузијазмот на луѓето во екипата успеавме да врземе крај со крај, да ја доведеме до крај и оваа претстава да ја одржиме во живот, рече режисерот Ристиќ на прес-конференцијата по повод премиерата на „Троил и Кресида“, најавена како мегапроект.
Премиерата беше планирана за 26 јули на градскиот плоштад во Охрид, во рамки „Охридско лето“, но претставата не беше дел од 49. издание на нашиот најпознат фестивал зашто, како што информираше директорот на МНТ Сашо Миленковски, Општина Охрид не го испочитувала договорот за финансирање. Од „Охридско лето“ ги исполниле обврските и го платиле својот дел од 3.000 евра.
Миленковски соопшти дека спектаклот не е поскап од сите други сценски проекти од прва категорија, кои во просек чинат триесетина илјади евра и нагласи дека ќе гостуваат секаде каде што има интерес, но во соработка со локалната самоуправа и бизнис-заедницата.
Премиерата на „Троил и Кресида“ во Скопје е дел од 30. „Скопско лето“ и влезот за посетителите е бесплатен. Вечерашната изведба во главниот град и нејзиното поставување в четврток во Хераклеја е помогнато со поддршка на Град Скопје и општина Битола. хс/са/9:36