ВО КАЛИН-ХОТЕЛ ВО ЛАЗАРОПОЛЕ
ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ СО ЕКОЛОШКА СОДРЖИНА
НА ЈАНА МАНЕВА-ЧУПОСКА
Во недела на 2. Август, на Илинден, во 20.30 ч. во Калин-хотел во Лазарополе ќе биде отворена изложбата на фотографии “Добредојдовте во Лазарополе”, на Јана Манева-Чупоска, познат уметник и моден дизајнер. На критички интонираната изложба чија тема е заштита на природата од загадувањето на човекот ќе бидат изложени 30 фотографии кои ќе ги претстават убавите, но и помалку убавите страни на познатиот преродбенски и туристички центар од Западна Македонија – Лазарополе. Изложбата ќе ја отвори Блаже Смилески. Јана Манева-Чупоска работи како доцент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје. Досега самостојно изложувала во Скопје, Охрид, Прага, Париз и Њујорк, а ова и е прва изложба во Лазарополе, кое го посетува секогаш кога има слободно време.