Почитувани, сакаме да Ве известиме дека во среда, 16 септември 2009 година, во 15.00 часот, во просториите на Националната галерија на Македонија- објект Даут-пашин амам официјално ќе биде потпишан договор помеѓу Националната галерија на Македонија и Американската амбасада во Република Македонија за доделување на грант од страна на Американската амбасада за реставрација, санација и конзервација на Даут-пашиниот амам.
Имено, станува збор за донација која ќе ги покрие трошоците за: отстранување на влагата од овој објект; чистење на деградираните површини и отстранување на патологиите; чистење на површините од претходните интервенции со цементен малтер; санација и конзервација на оштетени елементи од штукатура; заштита од капиларна влага; санација на покривот од бакарен лим; поставување на дренажен канал и друго.
Даут-пашиниот амам е историски монумент и одличен пример на исламската архитектура и култура. Амамот е изграден од пашата Даут во втората половина на 15-от век. Објектот оригинално бил поделен на машки и женски дел и покривал простор од 900 м2. Во 1948 амамот е реставриран и адаптиран за неговата нова функција- уметничка галерија. Редизајнот на ентериерот е направен меѓу 1982 и 1999.
Првата перманентна поставка на галеријата, од 1951, вклучувала македонските икони (14-ти- 19-ти век), копии на стари фрески и модели од средновековни македонски цркви, како и дела од првата генерација на македонските современи уметници од пред втората светска војна и уметници од бивша Југославија. Сегашната постојана поставка била поставена во 2001 година, како ревија на развојот на македонската ликовна уметност од 14-ти до 20-ти век.
При свеченото потпишување на овој грант ќе се обратат Министерот за култура на Република Македонија, Г-ѓа Елизабета Канческа Милевска, Амбасадорот на Соединетите американски држави, Н.Е. Г-динот Филип Рикер и директорката на Националната галерија на Македонија, Г-ѓа Маја Крстевска, при што ќе биде нагласена важноста за ваквата соработка и поддршка од страна на Соединетите Американски држави на културата и уметноста во Македонија.
Со почит,
Национална галерија на Македонија
Маја Крстевска, директор