На 5 ноември 2009 (четврток) со почеток во 20.30 часот, во просториите на Мултимедијалниот центар “Мала станица” ќе се отвори изложбата на академскиот сликар Горјан Ѓорѓиев.
Горјан Ѓорѓиев е припадник на средната генерација македонски ликовни уметници кои имаат завршено на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
На изложбата ќе бидат изложени околу четиресетина дела, сите работени масло на платно.
Неговите творби може да се дефинираат како т.н. спонтани слики кои, навидум, се изработени ненадејно и без подготовка. Мотивите што често се проткајуваат, а тоа се најчесто жената, детето, човекот, митските бикови, цвеќето итн., се обработени со некаква полетност или спонтаност, емотивност, интуитивност во бојата и формата, стремејќи се кон остварување на кохерентност на сликата.
Особено внимание и придава на бојата. Таа е силна, нагласена и за него има големо значење. Сината, зелената, црвената, жолтата..... преставуваат елементи на универзалноста што тој настојува да ја постави во насликаното дело. Апликацијата на бојата е чисто експресионистичка и ја контролира со контурата.
Неговиот интерес е насочен кон човечката и животинската фигура, користејќи потполна слобода на изразните форми, со акцент на експресивноста на гестот.
Неговата уметност е уметност на сонот, на фантазијата и јавето кои меѓусебно се преплетуваат и живеат во симбиоза со елементите на метафоричното, симболично и провокативно толкување.
Изложбата ќе ја отвори директорот на Националната галерија на Македонија, г-ѓа Маја Крстевска.
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА
НА МАКЕДОНИЈА