Тенорот Марјан Николовски ќе одржи концерт, вечерва во 20 часот, во Даут-пашиниот амам во рамките на манифестацијата Есенски музички свечености. Тој ќе настапи во пијано-придружба на Марија Вршкова. На програмата се дела од Маскањи, Белини, Тости, Родриго, Албинони, Бовио, Фалво, Рамирез, Веласкез, Соловиев и Рота.
Музичкото образование Николовски го завршил на нашиот Факултет за музички уметности, а во 2001 и во 2002 година бил на усовршување во Рим. Како солист и пеизодист настапил во речиси сите оперски дела во Македонската опера и балет. Настапувал на Охридско лето со улога во операта „Лидија од Македонија“, во Хераклеја со операта „Набуко“.
Пијанистката Вршкова се вбројува меѓу нашите најдобри музички уметници од новата генерација. Освоила повеќе награди на домашни и на меѓународни конкурси. Како солист и камерен музичар досега настапила во петнаесетина земји во Европа. Таа често гостува на нашите фестивали и манифестации, како Охридско лето, Скопско лето, Хераклејски вечери.