Изложбата на фотографии со наслов „Би рајт бек“ на младиот автор Георги М. Унковски ќе биде отворена вечерва во 20 часот, во мултимедијалниот центар Мала станица
Документарниот проект е реализиран во текот на 2009 година и е дел од „Диверзии – Независната култура и швајцарската програма за култура во Македонија“, со која швајцарската програма за култура одбележува 10 години работа во Македонија.
Проектот „Би рајт бек“ на Унковски ја истражува супкултурата на компјутерското играње и следи група млади луѓе во Скопје, кои се дел од оваа заедница. Преку широко распространетите компјутерски играчници, каде овие луѓе се среќаваат и ги споделуваат искуствата, проектот ги прикажува нивните навики и посветеност на компјутерските игри.
Георги М. Унковски е роден во Њујорк, 1988 година. Студира фотографија на Институтот за технологија во Рочестер, САД. Покрај фотографијата, се занимава со филм и видеоанимација. Добитник е на награда за најдобро видео за 2009 на фестивалот „Имеџин РИТ“.