Скопје, 5 декември (МИА) - Во пресрет на Денот на Св. Климент Охридски, в понеделник во кино „Фросина“ премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Волшебниот рид“ - за локалитетот Плаошник во Охрид, снимен по сценарио и режија на Петар Џуровски.
Посебно внимание е посветено на дејноста на светителот и просветител св. Климент, неговата црква и манастир и формирањето на првиот и најстариот словенски универзитет, од каде што се раширила писменоста и христијанството во словенскиот свет.
- Археолошките истражувања на тој простор покажуваат дека Охрид бил вековна крстосница на разни култури и народи. Спојувањето на разните цивилизации и религии од сите периоди, почнувајќи од предисторијата, па преку античкиот и ранохристијанскиот период, се до османлиското време, условиле создавање на една духовна вертикала која има поврзаност во поимот светост. Поради тоа, овој простор се смета за историско-коспомолитски простор кој духовно ги поврзува цивилизациите и религиите, вели авторот Џуровски.
Стручни соработници во создавањето на филмот се Мишко Тутковски и Паско Кузман. Директор на фотографија е Бранд Феро, а музиката е на Дејан Спасовиќ. Филмот е финансиран од Филмскиот фонд на Македонија и Продукција „Лавиринт“. хс/сст/9:04