Почитувани,
Ве известуваме дека на 04 февруари 2010 година (четврток), со почеток во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе се отвори изложбата на академскиот сликар Славчо Спировски, со наслов “Пресек за скулптурата над”.
Во најновиот проект насловен “Пресек за скулптурата над” Славчо Спировски ги продолжува истражувањата поврзани со различни прашања за појавноста и егзистирањето на скулптурата денес. Ако во неговиот претходен проект “Пирамидите во х=0” се фокусира врз разработка на класичните скулпторски елементи (простор-постамент-дело) низ дводимензионално презентирање на тридимензионалноста на скулптурата со различни технички цртежи, најновата изложба ги обработува различните комбинации во “игрите” на дефинирање на споменатите проблеми, но со безбројните комбинации внатре-надвор, полно-празно, дело-изложбен простор...
Спировски го провоцира погледот на гледачот преку ритмичката игра на полно-празното и прецизниот распоред на елементите во расчленета просторна инсталација. Во случајов формално би го опишале составот на овие елементи како композиција од 15 објекти со класична форма и димензија на вообичаени галериски постаменти кои формираат квадрат (со интригантно отсуство на еден објект кој би го комплетирал квадратот) и 32 плохи поставени на различни позиции во просторот. Авторот не го занемарува просторот во кој се сместени објектите, туку, напротив, тие се позиционирани во насока на негово целосно осмислување и доживување и се презентирани со концизната, речиси математичка поставеност.
Постаментот, кој вообичаено се дефинира како архитектонска потпора или основа за скулптура, за Славчо Спировски е објект со особена уметничка провокација и примарно значење во концептуалното истражување на проблемите на ликовноста. Парадоксално, оној објект што во презентацијата на уметничкото дело (конкретно скулпторското уметничко дело) има секундарна, помошна и често занемарлива функција, самиот станува уметничко дело. Се што треба да се случи “над”, сега се случува “во” објектот, во внатрешноста на постаментот, кој стереотипно се претпоставува дека е со празно или без значење. Со различни средства се сугерира присутноста на делото врз и во објектот.
Славчо Соколовски во своите досегашни дела се потврдува како исклучително љубопитен и аналитичен автор, кој со “игра” го деконструира “митот” за скулптурата и одново го оформува на сопствен начин, создавајќи своевиден метапростор или ментален простор за размислување и осмислување на многу прашања и комбинации.
Славчо Спировски е роден е 1975 година во Скопје, Македонија. Дипломира 2006 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на педагошкиот оддел, отсек скулптура во класата на професор Станко Павлески.
Со почит,
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА