Скопје, 3 март (МИА) - Македонскиот пијанист Симон Трпчески, по завршувањето на серијата настапи во британските градови Манчестер, Бирмингем и Бејзинсток, продолжува на 9-ти, 10-ти и 11-ти овој месец во европските и светски културни центри Берлин, Виена, Келн и Москва.
Под палката на диригентот Јаап Ван Сведен, со кого Трпчески неодамна настапи и на концертите во Далас, САД, ќе биде изведен Концертот за пијано и оркестар број 1 од Рахманинов.
- Мислам дека ова ќе биде одлична можност за мое претставување во овие центри и за докажување на тоа што луѓето веќе го забележале на моите први настапи во Берлин и Виена, а во Келн сега ќе свирам по првпат. На англискиот дел од турнејата го изведов и концертот број три на Прокофјев, стои во писмената изјава на Трпчески.
Македонскиот пијано виртуоз в сабота, првпат настапува во Москва, во големата сала на Московскиот конзерваториум, Трпчески ќе биде солист на Оркестарот на Бољшој театарот и под диригентската палка на Александар Ведерников ќе го изведе Концертот во ге-дур на Равел.
До крајот на месецов, македонскиот пијанист го очекуваат оркестарско деби во Париз со Националниот оркестар на Франција на 18 март и концерт со Лондонскиот симфониски оркестар во британската престолнина на 25-ти овој месец. мд/са/8:56