Скопје, 5 мај 2010 (МИА) - Со операта „Љубовен напиток“ од Гаетано Доницети в недела свечено ќе бидат 38-те Мајски оперски вечери.
Свеченото отворање ќе биде пред платото на Македонската опера и балет каде ќе се обратат генералниот директор на МОБ, Оливер Арсовски и евроамбасадорот Ерван Фуере, а за отворени годинашните Мајски оперски вечери ќе ги прогласи министерката за култура Елизабета Канчевска - Милевска. Фестивалскиот оган ќе го запали долгогодишната првенка на операта Анастасија Ризаова - Мухиќ.
Операта „Љубовен напиток“ ќе биде изведена премиерно по 19 години кога последен пат и била претставена на публиката во рамки на Мајските оперски вечери.
- Специфичноста на претставата е во тоа што таа е кореографирана, односно има хор кој е носител на една многу важна функција. Останатото е направено така што не одевме на никакво осовременување или барање на некои теми кои ги нема во оваа опера. Ова е една шарматична љубовна приказна што се раѓа меѓу двајца млади луѓе и која завршува со среќен крај како што е вообичаено во италијанската оперска драматургија, изјави режисерот Гордан Драговиќ-Черногорски на денешната прес-конференција.
Диригент на претставата е Саша Николовски - Ѓумар, сценографијата е на Марија Ветероска, кореографијата на Тања Поповиќ, а костимографијата на Љупка Арсовска.
Љубителите на операта ќе имаат можност во рамки на 38-те Мајски оперски вечери да ги видат и изведбите на „Травијата“ од Џузепе Верди, „Турандот“ од Џакомо Пучини, „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, „Кармен“ од Жорж Бизе, а ќе има и вечер посветена на Густав Малер. Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со изведбата на операта „Аида“ од Џузепе Верди. бак/са/12:28