Крива Паланка, 11 јуни (МИА) - Во организација на Здружението на копаничарите на Македонија (ЗКМАК), во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски - Чудотворец“ вечерва со пригодна свеченост ќе почне 17-тата меѓународна „Копаничарска колонија 2010 година“.
На овој традиционален меѓународен копаничарски кампус ќе учествуваат околу 15 резбари од Македонија и Бугарија, кои ќе творат претежно на ореово и крушово дрво користејќи ги техниките и искуствата од прилепско-слепчанската, дебарската и охридската копаничарска школа, а мотивите ќе бидат од македонска флора и фауна, религијата и исконското опкружување на манастирскиот комплекс „Сарандопорски“.
Тајфата на искусните македонски копаничари ќе го довршуваат и богатиот и раскошен иконостас во резба кој ќе го краси внатрешниот простор на сакралниот објект „Свети Јоаким Осоговски“.
Со „Копаничарската колонија 2010 година“ ќе раководи познатиот резбар Димче Бунтевски од Скопје. Паралелно со колонијата, во конаците на манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ ќе биде отворена и изложба на копаничарски дела од учесниците - резбари на годинашнава Колонија.
Колонијата ќе трае до 19 јуни годинава, а создадените дела традиционално ќе бидат изложени во октомври во изложбениот салон при Домот на АРМ во Скопје и во повеќе културни центри низ државата. љс/мд/15:31