Вечерва, во 20 часот, во изложбениот салон на Културно-информативниот центар ќе биде промовирана книгата „Односи со јавност и медиуми“ од новинарот и публицист Јасмина Миронски, во издание на издавачката куќа „Дијалог“.
Книгата во која се зборува за потребата од градење на соодветни, стратешки и позитивни односи со јавноста, методите и алатките кои се користат и улогата и влијанијата што ја имаат медиумите во јавноста, ќе ја промовира професорот Љубомир Кекеновски, декан на Економскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и Жанета Трајковска, декан на Високата школа за новинарство и односи со јавност.
Миронски е долгогодишен дописник од Македонија за агенцијата Франс Прес, а работела како новинар и продуцент за повеќе домашни и странски реномирани медиумски куќи. Во Македонскиот институт за медиуми (МИМ) е дел од тимот основачи и обучувачи на програми за млади новинари, консултант и ПР-експерт.
Во 2007 година учествувала во формирањето на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, каде што е и предавач.
Автор е на монографијата „Мајка Тереза, граѓанин на Скопје – граѓанин на светот“ (1998), како и на книгата - Мајка Тереза „Светилката се' уште гори“, (2000). Добитник е на наградата „13 Ноември“ за публицистика на Град Скопје (2001). Коавтор е на прирачникот „Како да комуницирате со медиумите“, (2003) и на книгата „Како да пишувате за печатени медиуми“ (2005). (К.Р.)- Утрински весник