Охрид, 28 јуни 2010 (МИА) - Повеќе од сто слушатели, странски слависти, македонисти, балканисти, историчари, етнолози, универзитетски професори, научни работници, преведувачи и студенти по македонистика, славистика и по балканистика од 22 земји ќе учествуваат во работата на 43. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура што од денеска до 13 јули ќе се одржува во Охрид.
Слависти од Македонија, Русија, Словенија, Полска, Украина, Хрватска, Србија, како и од некои западноевропски земји и САД, во текот на семинарот ќе го изучуваат македонскиот јазик, македонската култура и литература.
Во рамките на семинарот што ќе се одржува во Конгресниот центар на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ќе бидат организирани предавања, работилници, лекторски вежби, курсеви, средби, разговори, како и 37-та Научна конференција со учество на шеесетина македонисти и слависти.
Меѓународниот семинар што традиционално се одржува во Охрид секое лето го организира Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. аб/са/8:01