СИНИША ЕВТИМОВ ГО ПОСТАВУВА "ТАКА БИЛО ПИШАНО"
Нов текст од Сашко Насев во МНТ
Новиот текст на еден од македонските реномирани драматурзи Сашко Насев "Така било пишано" се поставува во Македонскиот народен театар, во режија на Синиша Евтимов.
"Во основа е сценски трилер. Сe се врти околу една жена, а сите страсни односи меѓу ликовите зависат од тоа колку ние обичните луѓе сме способни да сакаме или да мразиме. Ги разработува дилемите на современиот човек и неговата потреба за кариера, љубов, иднина, сигурност и слично. Има пет лика. Секој за себе е карактер и сите меѓу себе се поврзани на некој начин", ни изјави Насев.
Улогите ги играат Сенко Велинов, Јордан Симонов, Арна Шијак, Оливер Митковски и Никола Ристановски.
"Одлична актерска екипа за една праизведба", додава авторот. Музиката е на "ПМГ Колектив". Премиерата се очекува кон крајот на месецов.
По "Магдо, љубов моја" од 2003 и "Доле влада" од 2004 година, "Така било пишано" е трета праизведба на Насев во МНТ.
Во контекст на неговите драми "Чија си", "Грев или Шприцер", "Позитивно мислење " и останатите, новата драма се најавува како комуникативен, жанровски чист театар, кој е во емпатија со гледачот и е по дефиниција добра претпоставка за успешна претстава.
(Б.Н.)
Извор: Вест