Предавањата на Милош Линдро на тема „Семиотика на глаголицата“ ќе се одржат денеска и утре, со почеток во 13 часот, во просториите Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје.
НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје, преку свои активности, веќе втора година работи на оживување на македонското духовно наследство. Активностите, како дигитализација на стари текстови, курсеви за рачно изработена хартија, предавања итн. се замислени и се реализираат како составни делови од комплексниот проект Млад Светиклиментов универзитет. Во рамките на овој повеќегодишен креативен проект, а во чест на денот на Св. Кирил (Успение Кирилово – 27 февруари), се предвидени предавања на тема: „Семиотика на глаголицата“.
Во дводневните предавања ќе бидат допрени следните содржини: Азбучниот систем наречен глаголица функционира како матрица во која се закодирани важни посланија од минатото; Глаголицата како еден вид „семиотичка машина“ која со соодветен пристап произведува значења и пораки за устројството на светот; Колку семиотички и семантички нивоа се скриени во глаголичниот азбучен и броен систем и какви древни знаења (религиозни, астрономски, гносеолошки) се закодирани во глаголичниот буквено-цифрен систем. (Н.П.)- Utrinski Vesnik