Скопски филмски фестивал од 15-ти до 20 април, специјален гостин полскиот режисер Кжиштоф Зануси
Скопје, 11 април 2011 (МИА) - Македонскиот игран филм „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски в петок ќе го отвори 14. Скопски филмски фестивал на кој до 20 април ќе бидат прикажани дваесетина филмови во киното „Милениум“ и во Кинотеката на Македонија.
Директорот на фестивалот Иво Антов на прес-конференција информираше дека фестивалот стандардно ќе содржи главна програма, како и ретроспективна, програма „Скопје ’90-ти“, кратки филмови и натпреварувачка програма на едноминутни филмови што СФФ ја воведе лани и за која имало голем интерес.
На програмата се нови филмови од светската кинематографија, меѓу кои и годинашните оскаровци „Говорот на кралот“ на Том Хупер и „Социјална мрежа“ на Дејвид Финчер. Фестивалот ќе биде затворен идната среда со проекција на шпанскиот „18 оброци“ во кој има учесници од Македонија - Милан Тоциновски игра една од главните улоги, а директор на фотографија е Бранд Феро.
Специјален гостин на фестивалот ќе биде познатиот полски режисер Кжиштоф Зануси, меѓу најзначајните европски и светски режисери, добитник на престижни филмски награди од фестивалите во Кан и Венеција. Тој во Скопје ќе биде во петок и сабота кога ќе одржи предавање на Факултетот за драмски уметности и на средба со медиумите ќе зборува за филмот. Од Кинотеката на Македонија ќе му биде врачено признание за придонес во светската кинематографија.
Во чест на Зануси, на програмата на СФФ се четири негови филмови - „Постојан фактор“ (1980), „Година на мирното сонце“ (1984), „Животот е смртна сексуално пренослива болест“ (2000) и „Персона нон грата“ (2005), кои ќе бидат прикажани во Кинотеката.
Покрај кинопроекциите, филмови ќе бидат прикажувани и во андерграунд киното во „Менада“ во чаршија, во кафулињата „Дамар“, „Чакра“ и „Лајка“.
И годинава мото на фестивалот е борбата со пиратеријата. - Насловите веќе ги има на пазар, но се надеваме дека вистинските љубители ќе дојдат за да ја почувствуваат магијата на филмот, рече Антов, додавајќи дека е тешко да се прави фестивал во град во кој не се оди во кино и каде што само две киносали имаат целодневен репертоар.
Четири проекции на ден ќе има во „Милениум“ и три во Кинотеката. Влезницата е 100 денари или 200 за три филма.
Фестивалот чини над 6,5 милиони денари, од кои 3 милиони се од Министерството за култура, 300.000 денари од Град Скопје, а останатите се спонзорства, донации и влог на СФФ. хс/скс/15:26